Нова потенцијална инвестиција, остварена средба со заменик – амбасадорот во Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје, Даниел Филер и претставници на компанијата Broadberry Data Systems
Во контекст на новиот концепт кој предвидува континуирана соработка, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски одржа продуктивна средба со заменик-шефот на мисијата на Британската амбасада во Скопје, Даниел Филер, како и претставници на компанијата Broadberry Data Systems. Средбата, главно беше насочена кон продлабочување на економската соработка помеѓу Обединетото Кралство и Македонија, а се разговараше и за нова потенцијална инвестиција од страна на британската компанија Broadberry Data Systems.
Директорот Гоце Димовски, ја истакна важноста на континуираниот развој на економските односи и создавањето на нови можности за соработка.
„Странските инвестиции претставуваат клучен сегмент за растот на македонската економија и создавањето нови работни места. Затоа, соработката со земји како Обединетото Кралство, кои се лидери во технолошкиот развој и иновациите, претставува исклучителна можност за нашата земја. Заедно со новата влада, главна цел за нас е да создадеме што попозитивна инвестициска клима, која со себе ќе донесе долгорочни инвестиции и нови работни места.“ – нагласи Димовски.
Претставниците на Британската амбасада изразија задоволство за средбата, очекувајќи успешна понатамошна соработка. Од нивна страна, исто така беше нагласена важноста на соработката сѐ со цел натамошен економски раст, развој и продлабочување на билатералните односи.
Оваа средба е потврда за посветеноста на ТИРЗ кон продолжување и продлабочување на партнерствата, сѐ со цел да се поттикне економскиот раст и развој на Македонија преку инвестиции кои ќе донесат долгорочни придобивки.