ОДВ ЕЛЕКТРИК ОБЈАВИ ВТОРА ФАЗА ИНВЕСТИЦИСКИ ЦИКЛУС ВО ТИРЗ СТРУГА/ОХРИД
Германската компанија ОДВ Електрик, која работи во технолошко индустриската развојна зона Струга/Охрид, денеска во Владата на Р. М објави дека започнува со реализација на втората фаза на инвестицијата, односно изградба на нов дополнителен производствен капацитет од 4500 метри квадратни метри, инвестиција од 4,2 милиони евра и нови 90 вработувања.
„Компанијата ОДВ во моментов вработува 310 лица во својот објект со површина од 4500 метри квадратни, а со новата инвестиција производствениот простор се удвојува и ќе изнесува околу 10 илјади метри квадратни“, нагласи директорот Младеновски.
ОДВ Електрик е основана во 1970 годината и се уште е во сопственост на основачките семејства. Покрај фабриката во Германија, во моментов компанијата работи со четири дополнителни подружници на југот на Унгарија, западниот дел на Украина, Македонија и Мексико. На крајот на 2017 година ОДВ Електрик вработуваше околу 2.200 лица во сите четири фабрики, рече извршниот директор на ОДВ Електрик Мартин Ехрет
Економскиот тим на Владата креира вистински политики за реалната економија, тоа стопанствениците го препознаваат, и неретко ги удвојуваат или триплираат своите инвестици, посочи министерот за економија Крешник Бектеши.
“Доколку глобалната економија го одржи овој чекор ОДВ Електрик планира и натаму да инвестира во Македонија. На крајот на нашиот инвестициски циклус, ОДВ Електрик проценува дека ќе инвестира околу 15 милиони евра, а ќе вработува повеќе од 1.000 лица“, нагласи Ехрет.
Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев истакна дека владините мерки за поддршка на економијата даваат резултати, што се отсликува преку рекордниот износ на странски директни инвестиции во првото полугодие од 327 милиони евра, раст на индустриското производство од 5,5% во првите 7 месеци од 2018 година, раст на просечната исплатена нето плата од над 6%, како и раст на извозот од земјатa.