Одржана средба со претставници на грчката амбасада во Скопје
Согласно новиот концепт кој предвидува активна и континуирана соработка, денес директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со претставници од Одделението за економски и трговски односи при Амбасадата на Република Грција во Скопје, односно со економскиот советник, Дукас Маринопоулос и Василис Гаѕарас, секретар за економски и трговски односи. Средбата опфати дискусии околу зајакнување на билатералните односи меѓу двете држави, со фокус на економската соработка и потенцијалните инвестиции.
„Грција е еден од нашите стратешки партнери во градењето стабилна инвестициска клима. Земајќи ги предвид вкупните инвестиции од страна на Грција, оваа соработка значително придонесува кон економскиот развој на нашата земја. ТИРЗ како институција заедно со новата влада, активно работи на поволностите и можностите за странските инвеститори, со што ќе се овозможи долгорочен просперитет и одржлив економски напредок.“ – посочи Димовски.
Од страна на претставниците при Амбасадата на Република Грција, беше изразено особено задоволство за средбата, со очекување за понатамошна успешна соработка. Беше истакната важноста на продлабочувањето на билатералните односи, што дополнително ќе придонесе за економскиот раст и развој на двете земји.
„Ваквите конструктивни дискусии се од големо значење за позитивните перспективи на нашата билатерална економска соработка. Инвестициите на Грција во Северна Македонија опфаќаат неколку економски сектори со многу позитивни резултати за двете земји. Ние веруваме и поддржуваме дека оваа успешна економска врска може дополнително да се зајакне и развива во иднина.“ – истакна економскиот советник, Дукас Маринопоулос.