Одржана успешна средба со националниот оператор Македонски Телеком
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денес одржа успешна средба со претставници на националниот оператор Македонски Телеком. Средбата, главно ги опфати тековните и идни планови за соработка, во насока на развој на технолошките и дигиталните капацитети во делот на привлекување на нови инвестиции.
Директорот Димовски го нагласи значењето на оваа соработка во контекст на стратешките цели на ТИРЗ за поддршка на дигиталната трансформација и создавање на услови за привлекување на странски инвестиции. Воедно, Димовски истакна дека со новата влада се отвораат нови можности за поинтензивна имплементација на иновации и технологии кои ќе го зголемат потенцијалот на ТИРЗ како клучен двигател на економскиот раст, создавајќи поволни услови како за домашните, така и за странските инвеститори.
Претставниците на Македонски Телеком, на чело со Никола Љушев, главен извршен директор изразија особено задоволство за остварената средба, со очекување на уште поуспешна соработка во иднина. Од нивна страна беше истакната посветеноста за обезбедување на најсовремени технолошки решенија кои ќе овозможат побрз и поефикасен развој, преку имплементација на дигитални инфраструктури, подобрување на интернет мрежата и воведување на иновации кои ќе го унапредат целокупниот деловен процес.
Оваа средба ја потврдува посветеноста на ТИРЗ кон новиот концепт за развој, кој се базира на активна и стратешка соработка со компаниите што делуваат во и надвор од зоните. Со фокус на создавање на позитивна инвестициска клима, ТИРЗ продолжува да гради партнерства кои придонесуваат за унапредување на економскиот развој на Македонија.