Одржана успешна средба со претставници на канадската компанија Магна Мирорс
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денес одржа средба со претставници на фабриката Магна Мирорс – Струга. Во рамки на средбата, се разгледаа тековните активности и идните планови на компанијата, а исто така беа земени во предвид и можностите за понатамошна соработка.
„Оваа средба претставува уште еден значаен чекор напред во нашата цел која ја поставивме заедно со новата влада – создавање на поволна и одржлива инвестициска клима која позитивно ќе влијае врз економскиот развој, а дополнително ќе привлече и нови инвестиции. Присуството на Магна Мирорс, како дел од Магна Интернационал, јасно покажува дека Македонија нуди стабилна и конкурентна средина поволна за глобалните инвеститори.“ – изјави директорот Димовски.
Претставниците на Магна Мирорс, презентирајќи го концептот на компанијата, искажаа особено задоволство за средбата, надевајќи се на успешна понатамошна соработка. Данчо Петров, директор на Магна Мирорс, ги потврди заложбите на компанијата за натамошен развој и проширување на капацитетите во Македонија.
„Фабриката во Струга е една од најсофистицираните во рамките на нашата глобална мрежа, што претставува потврда за посветеноста на високите стандарди за квалитет и иновации. Поддршката од владините институции и поволните економски политики се од клучно значење за нашето стабилно и долгорочно присуство во Македонија.“ – истакна Данчо Петров, директор на фабриката.
Канадската компанија Магна Мирорс, е водечка во производството на автомобилски огледала и технолошки компоненти, исполнувајќи ги највисоките стандарди на автомобилската индустрија. Со забележителни клиенти како што се General Motors, Ford, BMW, Toyota, Volkswagen, Honda и мноштво други истакнати брендови, компанијата игра клучна улога во обезбедувањето на иновации и квалитет, поставувајќи се како водечка компанија во развојот на нови решенија. Дополнително, Магна Интернационал, моментално го гради својот втор капацитет во Македонија, Магна Мехатроникс, каде ќе се произведуваат интегрирани системи од механички и електронски компоненти.