Остварена редовна работна средба со компанијата Murat Wiring System Volex
Директорот Гоце Димовски имаше успешна редовна работна средба со претставници на компанијата Murat Wiring System Volex која има фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 2. Средбата опфати дискусии за досегашните активности на компанијата, предизвиците со кои се соочуват, како и можностите за натамошен раст и развој.
Димовски ја нагласи посветеноста на Дирекцијата за ТИРЗ како институција која во соработка со Владата, активно работи на обезбедување стабилна деловна клима, се со цел да се поттикнат нови инвестиции и да се поддржи растот на постојните компании.
„Murat Wiring System Volex е значаен инвеститор кој придонесува кон економскиот развој и вработувањето во земјата. Нашата цел е да обезбедиме уште подобри услови за понатамошен раст и зголемување на конкурентноста.“ – посочи Димовски.
Претставниците на компанијата ја потврдија својата заложба за натамошен развој во рамките на ТИРЗ, при што ја потенцираа важноста на досегашната поддршка која ја добиваат.
Илхан Џаноз, директор на фабриката, нагласи дека стабилната деловна клима и континуираната соработка се клучни фактори за успешна работа и раст на компанијата во Македонија.
„Нашето глобално присуство и долгогодишното искуство се значајни предности кои ни овозможуваат континуиран раст, а фабриката во Македонија е од клучно значење за нашите производствени процеси и регионалната стратегија.“ – истакна тој.