Остварена средба со претставници на компанијата Гентерм
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денес оствари официјална средба со претставници на американската компанија Гентерм. Во насока на новиот концепт сведен на континуирана соработка, средбата опфати дискусии во однос на тековниот и иден развој на фабриката во ТИРЗ Прилеп.
Директорот Димовски ја истакна важноста на фабриката, која не само што го зајакнува производствениот капацитет во земјата, туку создава и многу нови можности за вработување.
„Заедно со новата влада, нашата главна цел е да создадеме уште поповолна инвестициска клима, со што ќе поттикнеме долгорочни и стабилни инвестиции придонесувајќи за целокупниот економски раст и развој на Македонија. Гентерм, со својата фабрика во ТИРЗ Прилеп, е една од компаниите кои се пример за успех, отворајќи нови перспективи за развој.“ – кажа директорот Димовски.
Од страна на претставниците на компанијата, беше изразено особено задоволство за средбата, надевајќи се на успешна понатамошна соработка.
„Гентерм е првата фабрика во ТИРЗ Прилеп, при што истата e присутна во Македонија веќе скоро една деценија. Нашето присуство овде, не само што допринесува за овдешниот економски развој, туку има голема улога во долгорочната глобална стратегија на американски Гентерм.“ – истакна Андриј Хафинец, управител на фабриката во Прилеп.
Американската корпорација Гентерм, од страна на најголемите производители во автомобилска индустрија е призната како најдобар добавувач на системи за греење и ладење на седишта и управувачи, електроника и кабли. Производството на Гентерм се инсталира од страна на голем број автомобилски брендови како што се „Форд“, „Џенерал Моторс“, „Тојота“, „Лексус“ и „Киа“.