Остварени средби со претставници на Меѓународната финансиска корпорација (IFC)
Директорот на дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари официјални средби со претставници на Меѓународната финансиска корпорација (IFC). Средбите имаа за цел продлабочување на соработката меѓу Меѓународната финансиска корпорација (IFC) и ТИРЗ, поврзана со избраните корисници од „Програмата за јавен повик за техничка помош за развој на добавувачи“, која се спроведува во рамките на програмата на IFC за производствени синџири на вредност за Западен Балкан.
Директорот Димовски изрази задоволство за соработката помеѓу ТИРЗ и IFC, нагласувајќи ја важноста на поддршката на домашните компании.
„Соработката со IFC претставува значителен чекор напред за нашите компании и економијата во целина. Ова партнерство не само што обезбедува поддршка за развој на добавувачите, туку и создава нови можности за иновации и конкурентност на нашите компании на меѓународниот пазар. Очекувам оваа соработка со IFC и во иднина да донесе значителни придобивки за сите засегнати страни.“
На крајот на март оваа година, беа избрани единаесет инвестициски проекти на Јавниот повик за техничка помош за развој на добавувачи на ТИРЗ наменет за македонски компании.
„Целта на програмата за развој на добавувачи е да ја унапреди интеграцијата на компаниите од Западен Балкан во регионалните и европските синџири на вредност. Програмата нуди поддршка преку различни иницијативи од приватниот и јавниот сектор, се со цел подобрување на конкурентноста на компаниите од Западен Балкан и создавање нови можности за економски раст и развој во регионот.“ – истакна, Јуџин Осмоческу, проектен менаџер на ИФЦ.
Во рамки на средбите, се разговараше и за Проектот за еко-индустриски паркови на Западен Балкан кој заеднички го спроведуваат Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Европската комисија (ЕК) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) во рамките на Економскиот и инвестициски план финансиран од ЕУ (ЕИП) за Западен Балкан 2021-2027 година. По извршената првична дијагностика, каде што учествуваше и ТИРЗ и повратните информации од претставниците на ЕУ, Технолошко индустриската развојна зона Скопје е избрана за клучен учесник во пилот студијата Еко-индустриски паркови, заедно со други паркови од различни земји.
„Технолошко индустриските развојни зони во Скопје се едни од најразвиените зони, земајќи предвид дека таму се наоѓаат поголемиот дел од компаниите. Како и сите зони, така и овие имаат за цел подобрување на еколошката ефикасност, минимизирајќи ја штетноста на околината. Чест е да се биде клучен учесник во пилот студијата, земајќи предвид дека овие напори се важен дел од стратегијата за економски развој, како и интеграција на земјата во ЕУ.“ – кажа Димовски.
„Меѓународната финансиска корпорација преку оваа пилот студија за еко-индустриски паркови има за цел да ја зголеми одржливоста на економскиот раст, поттикнувајќи ја имплементација на зелени решенија. Оваа студија ќе ги идентификува најдобрите практики и иновации во областа на еко-индустриските паркови, а ќе помогне и во развојот на нови стратегии за подобрување на еколошката ефикасност, обезбедувајќи успешни примери за останатите држави кои тежнеат кон одржлив развој.“ – истакна Игор Матијевиќ, претставник на ИФЦ.