Поддршката на компаниите клучна за македонската економија, остварена средба со Виталиа
Во рамки на концептот за зајакнување на соработката со странските и домашните компании, денес, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски имаше средба со претставници на водечката македонска компанија специјализирана за производство и трговија со здрава храна – Виталиа. Средбата претставуваше можност за размена на идеи и дискусија за идните перспективи на соработката меѓу двете страни.
Во рамките на средбата, акцентот беше ставен на важноста на поддршката на домашните компании во нивниот раст и развој.
„Виталиа е пример за успешна македонска компанија која со својата иновативност и квалитет го освојува регионалниот пазар. Заедно со новата влада, тука сме да ги поддржиме сите компании, придонесувајќи за нивниот понатамошен успех, што дополнително ќе го зголеми економскиот раст на Македонија.“ – изјави Димовски.
Претставниците на Виталиа, со големо задоволство изразија благодарност за средбата, нагласувајќи ја важноста на оваа средба за понатамошниот развој на компанијата.
„Нашата мисија како компанија е континуирано подобрување на нашите производи и процеси, сѐ со цел усовршување на крајниот прозвод кој ќе ги задоволи потребите на нашите потрошувачи. Поддршката од државата, односно институциите како Дирекцијата за ТИРЗ, е од клучно значење за нашиот понатамошен раст.“ – кажа Никола Ветаџокоски, генерален директор на Виталиа.
„Виталиа отсекогаш се стреми кон постигнување на највисоки стандарди во производството на здрава храна. Нашата посветеност кон квалитетот и иновативноста е водечка сила зад секој нов производ кој го лансираме. Оваа средба е само потврда дека со вистинските партнери можеме да ги надминеме сите предизвици и да постигнеме уште поголеми успеси.“ – истакна Искра Ветаџокоска – Муцунска, ко-сопственичка и генерален менаџер на Виталиа.
Виталиа е компанија чија дејност е производство и трговија на производи од доменот на здрава храна, основана во 1993 година. Оттогаш поттикнува брз и динамичен развој, а благодарение на високиот професионализам и иновативност, денес, Виталиа е препознатлива како лидер во производството на здрава храна, со присуство на пазарите низ Балканот и Источна Европа.