Поддршката на странските инвестиции надвор од зоните продолжува, нова инвестиција на ЕПСОТЕХ во вредност од 20 милиони евра, отворање на 110 нови работни места
Во август оваа година, германско-белгиската компанија Епсотех ќе започне со градежни активности за изградба на нов производствен погон во општина Петровец, надвор од технолошко-развојните зони (ТИРЗ). Оваа значајна инвестиција, вредна 20 милиони евра, ќе креира повеќе од 110 нови работни места и ќе вклучува производство на елементи за автомобилската, железничката и здравствената индустрија.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја поздрави инвестицијата, рече дека очекува оваа иницијатива да биде најмалку двојно зголемена. „За нас е чест и задоволство што по нецели две недели и посакуваме добредојде на уште една инвестиција. За почеток ќе има нови 110 работни места, развој на истражувачки центар, нешто што досега недостасува или многу малку го има. Но, тука не застанува оваа инвестиција, туку ќе продолжи да се зголемува и бројот на вработени и извозот и самата инвестиција која очекуваме да биде најмалку двојно зголемена,“ изјави Мицкоски.
Извршниот директор на Епсотех, Аламави, истакна дека компанијата има 60-годишно искуство и ќе донесе многу вештини во Македонија. „Се надеваме дека тука ќе отвориме повеќе од 110 работни места кои ќе бидат претежно во машинската и инженерската гранка. Би сакале да почнеме со изградба на нова зграда, односно со инвестиција од приближно 20 милиони евра. Сакаме да ги прошириме нашите активности со производствени капацитети тука, во Скопје, односно да работиме на отворање фабрика и нови машини,“ изјави Аламави.
Компанијата, позната по своите еколошки стандарди, ќе донесе и нов Центар за истражување и развој. Овој центар ќе ангажира високо стручни лица, што ќе додаде голема вредност на инвестицијата. Аламави истакна дека Епсотех користи рециклирани материјали и користи ветерна и соларна енергија во своите операции. „Ги рециклираме материјалите од земјоделската гранка и од рибарството, им даваме нов животен циклус и играме многу важна улога во заштитата на животната средина и во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид,“ додаде тој.
Директорот на Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, исто така ја поздрави оваа инвестиција, истакнувајќи дека поддршката на странските директни инвестиции надвор од ТИРЗ е клучна за економскиот развој на Македонија. „Оваа инвестиција е пример за успешна странска инвестиција која носи значајни придобивки за нашата економија. Нивната посветеност и вложувања претставуваат модел кој треба да го следат и други компании,“ рече Димовски.
Оваа иницијатива е уште еден доказ за посветеноста на Владата кон создавање поволна бизнис клима и поттикнување на економскиот развој низ целата земја. Соработката со компании како Епсотех ја потврдува стратегијата на Владата за привлекување на странски инвестиции и создавање нови работни места, што е клучен фактор за одржлив економски раст и развој.