ПОТПИШАН ДОГОВОР СО ВТОРА СТРАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА ВО 2021 ГОДИНА – ТУРСКАТА КОМПАНИЈА ПУРПЛАСТ ИНВЕСТИРА 5,1 МИЛИОНИ ЕВРА И ОТВОРА 40-50 РАБОТНИ МЕСТА ВО ТИРЗ СКОПЈЕ 2

Турската компанија Пурпласт, која има 40 годишно искуство во автомобилската индустрија и своите производи ги извезува во 36 земји во светот, во втората половина на 2021 година, ќе ја отвори својата нова фабрика во ТИРЗ Скопје 2 во која реализира инвестиции од 5,1 милиони евра, а каде иницијално ќе се вработат 40-50 лица. Ова денес беше соопштено на прес конференцијата во Владата, кадешто беше потпишан договорот за државна помош за реализација на оваа инвестиција, а на која присуствуваа Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, директорот на дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски и извршниот директор на Пурпласт, Мехмед Шишманоглу.

Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање на настанот ја поздрави одлуката на компанијата, која и покрај актуелната ситуација, одлучи да продолжи со реализација на својот проект, со што ја покажа довербата во економските политики на Владата на Република Северна Македонија и за позитивната деловна клима за инвестирање во земјата. Тој додаде дека е донесена правилна одлука, а Пурпласт ковид кризата ја препозна како можност со нови инвестиции во нови производствени линии да влезе во пост ковид периодот.

„Сакам да ја поздравам ажурноста на менаџментот на Пурпласт, кои досега веќе ја надминаа минималната сума на инвестиции предвидена во деловниот план, а која изнесуваше 4 милиони евра и инвестираа досега 5,1 милион евра во фабриката во Бунарџик, а за почеток се планира вработување на 40-50 лица. Се надевам декам ќе се остварат сите услови и дека развојните планови ќе продолжат, а тие предвидуваат инвестиции до 12 милиони евра и вкупно 215 работни места“, посочи Битиќи.

Вицепремиерот нагласи дека со отвореноста, посветеноста во креирање на уште подобра деловна клима, креирање на низа на мерки за поддршка на инвестиции во производството и стимулирање а извозните компании, Владата ја заслужи довербата на компаниите, а ќе се продолжи уште посилно и доследно во спроведувањето на намерите за подигнување на конкурентноста на македонската економија.

„Тоа може да го направиме само со привлекување на нови странски компании, но и со стимулирање на технолошкиот развој, модернизација и дигитализација на домашните компании, со освојување на нови пазари и градење на производствен бренд, кој во светот ќе се препознава по квалитетот . Изминатите 3 години, докажавме како Влада дека сме стабилен партнер на бизнисот. Сите преземени обврски во однос на договорите за државна помош, се навремено и целосно сервисирани. Заедно со компаниите создадовме цврсти конекции базирани на меѓусебна доверба, но и максимална посветеност во реализација на ветените и преземените обврски од двете страни“, подвлече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски нагласи дека ова е втората објава на инвестиција во ТИР зоните во само 45-те дена од новата 2021 година, а воедно го презентираше пактотот за државна помош кој се содржи во договорот кој е потпишан со Пурпласт.

„Технолошко индустриските развојни зони стануваат сè поотворени за странските инвеститори. Во 45 дена веќе ја покажуваме и втората конкретна инвестиција со која склучуваме договор. Турската компанија Пурпласт е новиот инвеститор во ТИРЗ Скопје 2. Започнува со почетен инвестициски циклус од 5,1 милион евра и 50 од вкупно предвидени 200 вработени, наши сограѓани. Платите ќе се движат од 20.000 до 75.000 денари, сегмент кој внимателно ќе го следиме. Како Влада и како ТИРЗ продолжуваме со презентирање на конкретни резултати. Воведовме нова пракса на профилирање на инвеститорите и правење домакински есап. Истиот покажува дека државата може за помалку од 10 години да очекува поврат на доделените државни средства по разни основи. Наша цел е со посебни механизми кои ги развивме да ги поттикнеме инвеститорите што побрзо да ја искористат државната помош и побрзо да почнат да враќаат во државниот буџет“, рече директорот Деспотовски.

Извршниот директор на групацијата Пурпласт, Мехмед Шишманоглу, осврнувајќи се на ковид кризата кажа дека оваа година донесе промена која никој од нас не ја очекуваше, додавајќи дополнително ниво на предизвик за реализација на инвестицијата.

„Со целосна интеграција во постпандемиската „нова нормала“, компаниите како Пурпласт кои продолжуваат да напредуваат ќе закрепнат побрзо и ќе земат поголем удел од пазарот со нова производна линија и слободен капацитет. Со нашата силна мотивација и верба во оваа инвестиција, ќе можеме да ја започнеме работата пред крајот на мај годинава и се надеваме дека ќе се сретнеме лично за време на нашата официјална церемонија на отворање летово“, нагласи Шишманоглу

Реализацијата на оваа инвестиција започна во 2019 година, а подготовка на земјиштето на 1 јули 2020 година и за период од 7,5 месеци завршени се 75% од изградбата на објектите. Површината на градежно земјиште под закуп за Пурпласт е 26.000 m2, во првата фаза се искористени 50% од земјиштето (Фаза 2 се очекува за 2025 година). Има вкупно 12.000 m2 затворена површина: административна зграда на 2 спрата со вкупно 1.600 m2 и производна сала-,еханички простории: вкупно 10.400 м2.

Компанијата Пурпласт е еден од локалните партнерни на уште еден странски инвеститор во земјата, Ван Хол, а во портфолиото на нивните производи е големо и опфаќа производство на делови за ентериер (командна табла, навлаки, разделни ѕидови, тавански тапацир, рачки, волани), екстериер на комерцијални возила (браници, предна и задна маска, странични панели, кровни панели.), како и производство на седишта (патнички вагони, градски автобуси и камиони).

За да ја симнете презентацијата кликнете овде.