ПРОДОЛЖУВА РАСТОТ ВО ТИРЗ – +17.5% НА ИЗВОЗОТ ВО ОДНОС НА 2020
Редовната месечна анализа на ТИРЗ покажува дека трендот на раст и позитивни економски активности во Технолошко индустриските развојни зони продолжува и во последните месеци од годинава.
Од почетокот на 2021 до крајот на ноември компаниите активни во зоните достигнале извоз од 2 милијарди и 734 милиони евра што е највисоко досега споредено со истиот период во изминативе четири години. Според анализата, вкупниот извоз во првите единаесет месеци е за 17,5% повисок споредено со истиот период лани, односно 7,5% повисок споредено со периодот јануари-ноември од 2019 година и за речиси 23% повисок во однос на 2018 година. Само во ноември компаниите активни во зоните оствариле извоз од 251 милиони евра, што е на исто ниво со ноември 2020 година, а за 2% повеќе од истиот месец во 2019, односно 13% повеќе споредено со ноември 2018.
Регистриран е и раст на увозот во анализираниот период споредено со истиот период во последните четири години. Увозот од јануари до ноември е 2 милијарди и 653 милиони евра што е за 37% повеќе во однос на истиот период минатата година, додека споредено со 2019 растот е 13%, односно 39% раст има во однос на 2018 година. Увозот само за месец ноември е 211 милиони евра. Споредено само со месец ноември 2020 и 2019 година има пад од 5%, а во однос на ноември 2018 година падот е 13%.
Во ноември е регистрирано и највисоко ниво на нето извозот од почетокот на годинава – над 19%, што е показател на опоравување на компаниите и враќање на нивото пред пандемијата. Бројот на вработени е стабилен и останува во рамки на годишниот просек.
Се очекува ваквиот тренд да продолжи и во последниот месец од годинава со што би се достигнала границата од 3 милијарди евра извоз, што ќе се смета за рекордно ниво досега. Со оглед на ваквите бројки, ТИРЗ заедно со меѓународни економски институции работи на посебни мерки за унапредување и развој на домашните компании со цел да се вклучат во ланците на снабдување кај странските компании во ТИРЗ, но и да станат поконкурентни на странските пазари.