ПРОМОЦИЈА НА КИ СЕЈФТИ СИСТЕМС ФАБРИКАТА ВО ТИРЗ КИЧЕВО
Американската компанија „Ки сејфти системс“ организираше промотивен настан за имплементација на нивниот инвестициски проект во Технолошко-индустриската развојна зона Кичево.
„Ки сејфти системс“, која произведува воздушни перничиња, безбедносни ремени и производи, има 34 фабрики во 12 земји во светот. Компанијата започна со браунфилд инвестиција во градот Кичево, каде што во моментов се вработени 72 луѓе. Додека новата фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона Кичево се очекува да биде пуштена во употреба до крајот на октомври.
Фабриката во која ќе се произведуваат воздушни перничиња за автомобили е инвестиција во вредност од 20 милиони евра, а ќе отвори 1.000 нови работни места.
„Ки сејфти системс“ е глобален лидер во дизајн, развој и производство на автомобилски безбедносни компоненти и системи. Нејзините производи се вклучени во повеќе од 300 модели на автомобили произведени од страна на повеќе од 60 брендови низ целиот свет. КСС е со седиште во Мичиген, со глобална мрежа од 29 продажни места, инженеринг, и производствени капацитети кои вработуваат околу 9.000 луѓе во светот. Компанијата има 5 главни технички центри лоцирани во САД, Германија, Кина, Јапонија и Јужна Кореја.