Потпишан првиот колективен договор во Дирекцијата за ТИРЗ, предвидено зголемување на платите на сите вработени
Директорот Гоце Димовски, заедно со претседателот на Синдикалната организација на Дирекцијата, Габриела Филиповски, денес го потпиша првиот колективен договор со претседателот на Синдикатот на администрација, државна управа и правосудство (САДУ), Благоја Ралповски.
Директорот Димовски нагласи дека овој договор, кој за прв пат се потпишува во рамки на Дирекцијата, претставува клучен чекор во градењето на уште поефикасна, попрофесионална и транспарентна институција, која ќе може уште поуспешно да одговори на предизвиците и да придонесе кон економскиот развој на државата.
Освен зголемувањето, овој договор предвидува и бројни бенефити за вработените, меѓу кои и додатоци на плата за ноќна работа, сменска работа, работа во денови на празници и прекувремена работа, јубилејни награди, гаранции за заштита од вознемирување на работното место, мерки за заштита и безбедност при работа, уредување на платени и неплатени отсуства и друго.



