Редовна средба со Ламинати Ком, плановите за нова инвестиција во напредна фаза

Директорот Гоце Димовски денес имаше редовна работна средба со менаџментот на македонската компанија Ламинати Ком, Евгенија Ѓорѓиеска и Иван Василески, како и Антје Ванделт, директорка на АХК Македонија,  каде беа разгледани досегашните активности во однос на новата инвестиција во рамките на ТИРЗ. Средбата главно имаше за цел унапредување на процесот за влез во зоните, како и понатамошна поддршка за реализацијата на оваа инвестиција.

Директорот Димовски ја потенцираше важноста на македонските компании како Ламинати Ком,  кои се одлучуваат за инвестиција токму во рамките на Технолошките Индустриски Развојни Зони, со оглед  на тоа што истите нудат најразлични поволности. Тој нагласи дека активно се работи за подобрување на условите за влез во зоните, како и олеснување на административните процеси.

Од страна на Евгенија Ѓорѓиеска и Иван Василески, управители на компанијата, беше истакната важноста на поддршката од страна на дирекцијата за ТИРЗ која ја добиваат во текот на целокупниот процес за инвестирање. Дополнително, тие ја нагласија и транспарентноста и отвореноста на комуникацијата со Дирекцијата, која е клучна за постојан напредок на проектот.

Пред само три месеци оваа компанија ја најави својата потенцијална инвестиција во рамките на ТИРЗ, а моментално проектот е во напредна фаза. Оваа нова инвестиција е резултат на напорната работа на Дирекцијата за ТИРЗ, која активно работи на унапредување на инвестициската клима, што ќе ја постави Македонија на врвот на листата на атрактивни дестинации за странски директни инвестиции.

Инаку, Ламинати Ком е водечка компанија во производство и механичка обработка на цврсти композитни изолациски материјали. Компанијата е 100 % македонски капитал, формирана во 2002 и повеќе од 20 години ги извезува своите врвни производи во Германија, Франција, Бугарија, Италија, Шведска.