СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПРЕЗЕНТИРАНА НА БИЗНИС-СЕМИНАРОТ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Бизнис-семинарот за Западен Балкан се одржа денеска во Дизелдорф, Германија, во организација на ЈЕТРО (Јапонска надворешна трговска организација). Бизнис семинарот ги истражуваше економските перспективи, можностите за бизнис и условите за странски директни инвестиции во земјите од Западен Балкан. Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Г-дин Александар Младеновски, беше еден од говорниците кои ги презентираа бизнис можностите за инвестирање во Северна Македонија.

Овој семинар беше значаен бидејки реномирани јапонски компании претежно од автомобилската индустрија (Mitsubishi, Yazaki, Yamaha) но и од хемиската, грaдежната, ИТ и други индустрии, се запознаа детално со бизнис климата во Северна Македонија и изразија голем интерес за понатамошна соработа во правец на инвестирање во нашата земја.

Во споредба со многу поголеми земји, Северна Македонија сепак е многу успешна во привлекување на странски инвестиции, посебно во привлекувањето инвестиции во производствениот сектор и инвестиции коишто се технолошко напредни, кои можат својата позиција во Северна Македонија да ја искористат за подобрување на својата конкурентност и за задоволување на нивните потреби за европскиот пазар. На семинарот свои излагања имаа и говорници од Владини институции од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија, Косово и други земји од регионот.

Инаку, ЈЕТРО е јапонска организација поврзана со владата која работи на унапредување на меѓусебната трговија и инвестиции меѓу Јапонија и остатокот од светот. Првично основана во 1958 година за промоција на јапонскиот извоз во странство, јадрото на JETRO во 21 век се префрли кон промовирање странски директни инвестиции во Јапонија и помагање на мали и средни јапонски фирми да го максимизираат нивниот глобален извозен потенцијал.

Канцеларијата на ЈЕТРО во Дизелдорф може да се осврне на долгата традиција поврзана со интересот на Јапонија за германската индустрија. Денеска, Дизелдорф, поради концентрацијата на јапонски компании во сите индустрии, го викаат “мал Токио на Рајна”.