СКОПЈЕ И ШТИП ПРОГЛАСЕНИ ЗА ТОП ГРАДОВИ ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ СПОРЕД ФДИ МАГАЗИН
Вторпат по ред, градот Скопје е на првото место по “Ценовна ефикасност” и во најдобрите 10 градови за “Стратегија за странски директни инвестиции” во категоријата Мали европски градови во рангирањето за 2016/2017 година од страна на специјализираното списание за странски инвестиции на Фајненшел Тајмс, ФДИ Магазин. Оваа година и скопскиот регион е победник по “Ценовна ефикасност” во категоријата Мали европски региони.
Во категоријата Микро европски градови, градот Штип е на првото место по “Ценовна ефикасност” и во најдобрите 10 градови за “Стратегија за странски директни инвестиции”.
Повеќе од една деценија, ФДИ Магазин врши рангирање на најатрактивните локации во Европа за идните странски инвестиции и стана клучен репер за конкурентноста на градовите и регионите. Рангирањата служат како барометар за атрактивноста за многу градови и региони кои активно се промовираат за придобивање странски инвестиции.
Оваа година рангирањето на ФДИ Магазин побуди голем интерес. И покрај тешкотиите со кои се соочува Европа на економски, политички и социјален план, постојат многу причини за оптимизам во врска со изгледите на странските директни инвестиции и градовите и регионите ќе останат посветени на привлекувањето на СДИ.
ФДИ Магазин е специјализирана публикација за странски инвестиции чија публика се директори на мултинационални корпорации и луѓе вклучени во одлуките при избор на локации за корпоративни инвестирања.
За потребите на ова рангирање се собрани податоци за 481 локација (294 градови, 148 региони и 39 локални партнерски претпријатија), во пет категории и тоа: економски потенцијал, пазар на труд, ценовна ефикасност, инфраструктура и поволна бизнис клима.