Соработката со компаниите продолжува, директорот на ТИРЗ оствари средба со Кондево
Денес, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со генералната менаџерка на фабриката Кондево во ТИРЗ Штип, Ѓулај Салиевска-Гештаковска. Средбата, беше насочена кон тековните и идни проекти на Кондево, како и нивната реализација, а беа разгледани и можностите за потенцијални нови инвестиции од страна на компанијата.
Италијанската компанија Кондево е производител на топлотни разменувачи за бојлери и е еден од главните снабдувачи на светските производители на бојлери. Компанијата е позната по својата посветеност на иновациите и квалитетот, земајќи предвид дека фабриката во Штип моментално брои 187 вработени и дури 100 роботи.
„Соработката со компаниите во ТИРЗ е само еден од главните двигатели на нашата работа. Кондево, со своето присуство во нашата земја, отворајќи нови работни места нуди голем придонес за македонската економија. Нашата главна цел, со поддршка од новата Влада е да обезбедиме позитивна деловна клима, поттикнувајќи долгорочни инвестиции кои ќе придонесат за целокупниот раст и развој на Македонија.“ – изјави Димовски.
Ѓулај Салиевска-Гештаковска, генерална менаџерка на Кондево во ТИРЗ Штип, изрази особено задоволство за средбата, надевајќи се на понатамошна успешна соработка.
„Кондево, како еден од главните снабдувачи на светските производители, секогаш е посветен на иновациите и квалитетот. Нашата продуктивност во фабриката, особено се должи на континуираните вложувања во програми за обука, кои не само што го поддржуваат професионалниот развој на нашите вработени, туку и им овозможуваат да ги усвојат најновите вештини и знаења потребни за управување со роботите во фабриката.“ – истакна генералната менаџерка на фабриката Кондево, Гештаковска.