Средба Димовски-Кубатлија: регионалната соработка клучна за зголемување инвестицискиот потенцијал
Директорот Димовски денес оствари средба со Марко Кубатлија, директор на Агенцијата за промоција на странски инвестиции во Босна и Херцеговина (ФИПА). Средбата главно се фокусираше на соработката помеѓу двете земји, предностите кои ги нудат, како и можностите за идни заеднички проекти.
„Регионалната соработка е клучна кога станува збор за создавање стабилна деловна клима. Интегрираниот пристап, размената на искуства и заедничките иницијативи можат значително да ја зголемат атрактивноста на регионот за инвеститорите.“ – истакна директорот Гоце Димовски. Понатаму, тој ги посочи клучните предности на ТИРЗ, нагласувајќи дека се преземаат активни чекори за усогласување со глобалните трендови во привлекувањето странски директни инвестиции, што дополнително ќе поттикне инвестиции со поголема додадена вредност кои ќе придонесат за одржлив економски раст.
Од страна на Марко Кубатлија, директорот на Агенцијата за промоција на странски инвестиции во Босна и Херцеговина беше изразено особено задоволство за средбата, со очекување за понатамошна соработка. Тој од своја страна ја истакна посветеноста на Агенцијата кон унапредување на деловниот амбиент и привлекување квалитетни инвестиции кои ќе придонесат за одржлив економски развој. „Размената на искуства и добри практики е клучен чекор кон подобрување на бизнис-климата во целиот регион. Двете земји споделуваат слични економски предизвици, но и комплементарни предности, што нуди значителен потенцијал за зајакнување на економската соработка, особено во доменот на инвестициите и развојот.” – посочи Кубатлија.
Инаку, главната мисија на ФИПА е привлекување и зголемување на приливот на странски инвестиции во Босна и Херцеговина и охрабрување на постојните инвеститори во земјата да инвестираат и да ги прошират своите бизниси, како и подобрување на соработката помеѓу приватниот и јавниот сектор, предлагање мерки за подобрување на инвестициското опкружување, а со тоа и економскиот развој.