Средба со амбасадорот на Република Албанија, Дениoн Меидани
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски заедно со претседателот на управниот одбор на Дирекцијата, Џелил Ахмет, денес оствари успешна средба со Дениoн Меидани, амбасадор на Република Албанија во Македонија, Анди Седја заменик-шеф на мисијата и Петрика Граждани, економски советник. Во рамки на средбата се разговараше за досегашната соработка помеѓу двете држави, при што беа разгледани и можностите за дополнително проширување на истата.
Директорот Димовски ја истакна важноста на региoналната соработка како клучна во привлекувањето странски инвестиции и економскиот развој на целиот регион.
„Соработката помеѓу Македонија и Албанија е од особено значење за економската стабилност на целиот регион. Заедничките напори во создавањето предвидлива деловна клима ќе придонесат за нови можности за компаниите и отворање на нови работни места“ – посочи Димовски.
Претставниците на амбасадата на Албанија ја потенцираа својата поддршка насочена кон економскиот раст и развој, истакнувајќи ја подготвеноста за продлабочување на соработката.
„Унапредувањето на економските односи меѓу двете земји е од особено значење за зајакнување на целиот регион. Како амабасада, остануваме посветени на поддршката и поттикнувањето на инвеститорите и деловните субјекти кои имаат план да го прошират своето присуство на овој пазар.” – кажа Дениoн Меидани, амбасадор на Република Албанија во Македонија.
Дирекцијата за ТИРЗ, и понатаму останува посветена на градење стабилни партнерства со сите засегнати страни, сѐ со цел создавање на поволна бизнис клима и привлекување на висококвалитетни инвестиции кои ќе ја зголемат атрактивноста на Македонија како дестинација за странски инвестиции.