Средба со менаџментот на компанијата Јагео Кемет Електронкис Македонија

Директорот Гоце Димовски оствари редовна работна средба со менаџментот на компанијата JАГЕО КЕМЕТ Електронкис Македонија. Во рамки на средбата се разговараше за тековните активности на компанијата, при што беа мапирани главните предизвици, а беа разгледани и плановите за во иднина.

Димовски ја посочи важноста на присуството на ваквите мултинационални компании во Македонија, со оглед на тоа што истите отвораат нови високо платени работни места, носејќи додадена вредност во целокупната национална економија. Беше потенцирана и посветеноста на Дирекцијата и Владата за обезбедување на стабилна и предвидлива деловна клима, како и поддршка за натамошен раст и развој на инвеститорите во земјата.

Менаџментот на JАГЕО КЕМЕТ Електронкис Македонија, на чело со Андреас Мејер, главен во оперативниот сегмент, ја изрази својата благодарност за соработката и конструктивниот дијалог со институциите, нагласувајќи дека континуираната поддршка од ТИРЗ и Владата е клучна за долгорочното успешно работење на компанијата. Тие истакнаа дека компанијата останува посветена на унапредување на производствените капацитети и имплементација на најновите технолошки решенија во своите процеси.

Во рамки на средбата беа разгледани и можностите за дополнителни инвестиции, при што Димовски нагласи дека ТИРЗ останува посветен партнер на инвеститорите, обезбедувајќи стратешка поддршка за нивните идни проекти во Македонија.