ТИРЗ ГИ ПРЕТСТАВИ МОЖНОСТИТЕ ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ ПРЕД ПОВЕЌЕ ОД 50 ЈАПОНСКИ КОМПАНИИ

Повеќе од 50 јапонски компании учествуваа на бизнис вебинар организиран од ТИРЗ во соработка со Јапонската организација за надворешна трговија, ЏЕТРО (JETRO). Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски ги претстави инвестициски можности во С.Македонија, инвестициската клима, економските перспективи и можностите достапни за јапонските компании. На настанот беа споделени и успешни приказни на тајванската компанија Јагео, најголема гринфилд инвестиција во земјава како и на јапонска компанија која работи на македонскиот пазар, а свое обраќање имаа и генералниот директор на ЏЕТРО во Виена, Татсуо Камино, јапонскиот амбасадор во земјава, Охтсука Казуја, како и државниот секретар во МНР, Филип Тосевски.

„Македонија има клучна географска положба која им отвора пристап на јапонските компании кои сакаат да го прошират своето присуство на европскиот пазар. Нудиме флексибилност, одлична инфраструктура и квалификувана работна сила. Посветуваме внимание на платите, кои и покрај тоа што растат бројот на вработени во Зоните е зголемен за над 30% само во последниве три години. Македонија покажа дека е вистинска бизнис дестинација со оглед на

тоа дека во изминативе три години имаме постигнато договори од 1 милијарда евра, што е исто колку инвестицискиот обем за десет години. Соработката помеѓу ЏЕТРО и ТИРЗ со сигурност отвора нови можности за јапонските компании,“ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ. И првиот човек на ЏЕТРО во Виена, Татсуо Камино нагласи дека овој вебинар е пример за посветеноста на ЏЕТРО за поттикнување на меѓународната соработка. Тој додаде и дека ЏЕТРО е тука да ги поддржи и води јапонските компании во нивниот потфат на македонскиот пазар како и дека верува во потенцијалот на С.Македонија како стратешка дестинација за инвестирање.

„Дипломатските врски меѓу Јапонија и Македонија никогаш не биле посилни. Овој вебинар е клучен момент за дополнително зацврстување на економските односи меѓу нашите нации“, посочи Охтсука Казуја, јапонскиот амбасадор во Македонија, кој сподели факти за политичката состојба во земјата и економските односи меѓу двете земји, додека државниот секретар на Министерството за надворешни работи Тосевски даде владина перспектива за соработката, нагласувајќи ја посветеноста за поттикнување билатерална економска соработка. „Владата целосно ги поддржува иницијативите кои промовираат економска соработка. Ваквите настани се чекор напред во градењето трајни партнерства и заеднички просперитет“, изјави Тосевски.

“Државата е стабилна, нуди одлична инфраструктура и достапност до квалификувана работна сила. Сето ова и членството во НАТО беа клучните елементи кога донесовме одлука да инвестираме во Северна Македонија,“ посочи Андреас Маер, од менаџментот на тајванската компанија Јагео кој презентираше зошто Македонија е добро место за инвестирање. Тој особено ја нагласи соработката со ТИРЗ како вистински партнер во спроведување на инвестицискиот проект. И првиот човек на јапонска компанија Ватанбе која работи во Македонија ги сподели своите искуства, дополнително зацврстувајќи го кредибилитетот на земјата како инвестициска дестинација.

Јапонските компании најмногу се интересираа за пристапот до квалификувана работна сила,  кои се предизвиците и суштинските елементи што треба да се земат предвид при влез во Северна Македонија како и дали македонските компании бараат соработка со јапонски фирми.

Овој вебинар е дел од активностите кои следат по неодамнешната посета на директорот на ТИРЗ Деспотовски на Јапонија. За време на посетата, Деспотовски оствари средба и со генералниот директор на ЏЕТРО, Нобутани на која беа договорени повеќе иницијативи, меѓу кои заеднички проекти меѓу компании од двете земји особено во ИТ секторот, енергетика и градежништво во делот на обнова на Украина, како и директна поддршка за македонските стартапи. Успехот на овој вебинар означува значајна пресвртница во тековните напори за унапредување на економската соработка меѓу Јапонија и Македонија.