ТИРЗ – ЕБОР: стратешка соработка за поттикнување на економскиот раст и развој на Македонија
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски денес одржа средба со прeтставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Македонија и Владо Бојаџиевски, Помошник директор, Постар банкар. Средбата опфати дискусии за економска соработка, со фокус на нови потенцијални инвестиции кои дополнително ќе придонесат за развојот на Македонија.
Во рамки на средбата, Димовски истакна дека ТИРЗ како институција во соработка со новата Влада активно работи на привлекување на странски инвеститори, кои ќе донесат значителни придобивки за македонската економија преку создавање нови работни места и зголемување на извозот.
„Секоја нова инвестиција го потврдува стратешкото значење на Северна Македонија како атрактивна дестинација за бизнис во регионот. Соработката со ЕБОР е клучна во процесот на обезбедување финансиска и консултативна поддршка за овие проекти, кои имаат потенцијал значително да придонесат за долгорочен економски раст“, истакна директорот Димовски.
Претставниците на ЕБОР изразија задоволство за средбата, со очекување за понатамошна успешна соработка. Од своја страна, го нагласија значењето на ваквите средби и партнерства, истакнувајќи ја подготвеноста на Банката да ги поддржи проектите кои ќе придонесат за економскиот напредок на земјата. Беа разгледани и можностите за идни проекти кои би го олесниле пристапот за нови инвеститори, со цел создавање на уште поповолни услови за економски раст и стабилност.