ТИРЗ започна серија презентации низ земјава на јавниот повик за поддршка на македонски компании
Со инфо сесијата во Битола, ТИРЗ започна со серијата презентации низ земјава на јавниот повик за Развој на добавувачи наменет за поддршка на македонски компании. На настанот во Битола присуствуваа претставници од над 30 компании од пелагонискиот регион, како и претставници на регионалните Стопански комори и Универзитетите. Во следните две недели вакви инфо сесии ќе се одржат во Штип, Струмица и Тетово.
Јавниот повик за Развој на добавувачи е наменет за домашни средни и големи компании со цел да ги зајакнат своите извозни капацитети и конкурентноста на странските пазари, да станат дел од синџирот на набавки кај странските компании во земјава како и да им се зголеми нивната инвестициска подготвеност. Овој проект го спроведува ТИРЗ во партнерство со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка, а поддржани од Швајцарскиот Секретаријат за Економски прашања, СЕКО.
Компаниите имаат можност за техничка помош која подразбира дека компаниите ќе користат консултанти, за да станат поконкурентни и да бидат дел од синџирот на добавувачи на странските компании во земјава, но исто така ќе добијат и техничка помош за подготовка на инвестициски планови и во следен чекор да ги искористат сите можности што ги нуди Владата за кофинансирање. Ова е почеток на целосно нова програма за поддршка на македонските компании чија цел е по завршувањето на првичната фаза за подготовка на инвестициски планови, дел од нив во скора иднина значи следните 2-3 години да станат подобни да инвестираат и во ТИРЗ.
Со овој јавен повик во првата фаза ќе бидат опфатени 10 македонски компании. На јавниот повик повик може да конкурираат само регистрирани трговски друштва со доминанта македонска сопственост, чии годишни приходи не се под два милиона евра или имаат минимум 50 вработени во последниве две години, субјекти кои немале загуби во последните две календарски години, како и против кои не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација.
Услов е и оние што аплицираат да имаат подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси и против нив да не се почнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања.
Повикот е отворен до 15 февруари 2024-та, до 14.00 часот.