ТИРЗ – ИФЦ: Нови реформи за привлекување странски инвестиции

Во контекст на новите реформи во однос на привлекувањето нови странски инвестиции, директорот Димовски оствари успешна средба Игор Матијевиќ, Стефан Драгутиновиќ, Бранко Дуњиќ и Тања Илијевска, претставници на Меѓународната финансиска корпорација (IFC), дел од групацијата на Светска банка. Со цел зајакнување на економскиот раст на Македонија и подобрување на инвестициската клима, средбата опфати дискусија во однос на новиот концепт на Дирекцијата за ТИРЗ, фокусиран на континуирана соработка и нови реформи за олеснување на пристапот на странските компании до македонскиот пазар.Директорот Димовски го нагласи потенцијалот на Македонија како атрактивна земја за странските инвеститори. Земајќи ја предвид стратешката географска позиција, стабилната макроекономска политика, како и реформите во инвестициската регулатива, тој истакна дека Македонија има голем потенцијал во однос на привлекувањето странски инвестиции. Тој посочи дека инфраструктурните подобрувања, како и новите модели на финансиска поддршка за инвеститорите, дополнително ја зајакнуваат конкурентноста на земјата.

Од страна на претставниците на Меѓународната финансиска корпорација, беше изразено особено задоволство за досегашната соработка, со очекување за уште повеќе заеднички проекти. Со фокус на обезбедување долгорочна стабилност, како клучен фактор за одржлив развој, беше истакната важноста на партнерствата помеѓу јавниот и приватниот сектор, што е од голема важност за подобрување на економскиот раст и развој на Македонија.

Оваа иницијатива претставува уште еден чекор напред во реализацијата на стратегијата на ТИРЗ за привлекување на инвестиции со висока додадена вредност, кои ќе создадат нови работни места и ќе придонесат за повисок животен стандард на граѓаните на Македонија.