ТИРЗ ОТВОРА НОВИ МОЖНОСТИ И ПЕРСПЕКТИВИ ЗА МЛАДИТЕ
Четворица студенти и дипломци од Универзитетот Гоце Делчев во Штип се на три месечна платена пракса во Дирекцијата за ТИРЗ.
Ова е во рамки на новиот концепт на менторска програма која Дирекцијата го воведе минатата година со цел на млади луѓе, покрај факултетското образование да им се даде можност да се стекнат со практично искуство и вештини.
„Целта на оваа менторска програма е студентите она што го учат во теорија да го применат и во пракса. Ментори од различни сектори од ТИРЗ работат со нив на развој на конкретни вештини. Ова е наш придонес кон креирање на стручни и професионални кадри кои може да напредуваат и да добијат фер шанса овде, дома. Така, двајца практиканти од првиот циклус кои покажаа висок степен на мотивација и резултати ги ангажиравме да работат во ТИРЗ,“ посочи Јован Деспотовски директор на ТИРЗ.
Ова е само една од програмите на ТИРЗ наменети за млади со цел поттикнување на креативниот потенцијал на младите и градење на нивните капацитет и усовршување. Овој, втор циклус на пракса се спроведува во рамки на Меморандум за соработка на ТИРЗ со Универзитетот Гоце Делчев во Штип со цел студентите на УГД. Во првиот циклус на пракса беа осум студенти од различни факултети од цела држава, избрани на јавен оглас на ТИРЗ.
Ваква соработка ќе биде воспоставена и со останатите државни и приватни универзитети, со цел младите да добијат вработување, но првенствено солидни плати, кои ќе ги мотивираат да останат во своите општини.
“ТИРЗ работи и на нови таргетирани мерки и програми за професионално усовршување на кадри, особено на млади, како и на креирање на стабилни и високо платени работни места. Верувам дека ова ќе биде мотив повеќе младите да останат во државата и да го запреме негативниот тренд на иселување,“ рече Деспотовски.
ТИРЗ е општествено одговорна институција која постојано вложува во развојот на младите преку различни програми за пракса и во компаниите кориснички, како и преку поддршка на дуалното образование.