ТИРЗ ПРОГЛАСЕН ЗА ЛИДЕР ВО РЕГИОНОТ ОД CAPITAL FINANCE INTERNATIONAL
Технолошко индустриските развојни зони се наградени за најдобри слободни економски зони – Лидер на Балканот за 2021 година. Наградата ја доделува британскиот магазин и портал CFI.co (Capital Finance International), со седиште во Лондон, кој е специјализиран за економски анализи и коментари за финансиските пазари низ целиот свет.

Програмата за награда на CFI.co секоја година идентификува поединци, компании и организации кои се пример за добра пракса и со својата работа креираат додадена вредност. Наградата се доделува поради супериорни перформанси, извонредност и иновативен пристап во работењето. Првичните номинации на компании, организации и институции се независни од нивните претплатници, медиуми и различни организации, како што се групата на Светска банка, разни тела на ОН и ЕУ и други истакнати организации со кои изданието е партнер. Специјален аналитички тим водејќи се според неколку главни критериуми истражува, анализира и прави листа на потесен избор која му се доставува на судискиот панел составен од меѓународни експерти кој ја носи конечната одлука.
Инаку како резултат на новиот концепт на привлекување инвестиции на ТИРЗ и Владата, од почетокот на годинава во ТИРЗ се склучени договори со вкупен обем на инвестиции од над 120 милиони евра кои во наредниот период треба да донесат 1970 нови работни места, над 2 милијарди приходи, а само овие компании во државата меѓу другото треба да уплатат над 70 милиони евра за придонеси и данок на добивка. Во моментов се преговара со 30 компании за вкупен обем на инвестиции над 400 милиони евра.
