ТИРЗ – РЕКОРДЕН ПРВ КВАРТАЛ И НАЈВИСОКА ВРАБОТЕНОСТ ДО СЕГА
Во технолошко индустриските зони е регистрирана највисока економска активност во прв квартал од годината и во однос на извозот и на увозот, покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ.

На месечно ниво вкупниот извоз од зоните во март достигна 263 милиони евра, што е за околу 2% повеќе споредено со истиот период лани.
И во однос на увозот е регистрирано највисоко ниво досега во однос на споредбата по квартали во изминативе пет години. Така увозот во првиот квартал од годинава достигна 744,6 милиони евра и е за 1,5% повисок од првиот квартал лани, а дури за 35% повисок споредено со првиот квартал во 2020 година. Во однос на 2019 година порастот е речиси 18%, а во однос на 2018 увозната активност на компаниите во ТИРЗ во првиот квартал е зголемена за над 52%.Во зоните во март месечниот увоз во ТИРЗ е на ниво од 239 милиони и е на ниво од истиот период лани. Анализата покажува дека во третио месец од годинава е регистрирано и високо ниво на нето извозот од 14,3%.
Бројот на вработени во март достигна највисок ниво досега. Во компаниите во ТИРЗ работат 14.512 наши сограѓани што е за речиси 5% повеќе во однос на истиот период лани, а споредено само со почетокот на годинава над 500 наши сограѓани се вработиле во компаниите во ТИРЗ. Се очекува трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што ТИРЗ во 2021 година постигна договори за инвестиции во вкупен обем од 188 милиони евра кои треба да донесат вкупно 2.700 нови работни места.
Анализата покажува и дека 90% од компаниите во март имаат зголемени извозни активности споредено со март 2021 година, што укажува на стабилно производство и во период на глобални предизвици од воената агресија врз Украина, како и движењата на цените на енергетските пазари. Редовните месечни анализи се една од алатките воведени во 2021 година за следење на економските движења во зоните, а со цел и навремено креирање и спроведување на мерки за справување со можни ризици врз работењето на компаниите.
