ТИРЗ: 2000 НОВИ РАБОТНИ МЕСТА ВО ПОСЛЕДНИТЕ 12 МЕСЕЦИ

За само една година се отвориле околу 2000 нови работни места во компаниите во ТИРЗ. Бројот на вработени во зоните во септември се искачи на 17.558 што е за 13% повеќе споредено со истиот период лани, а за 25% и 31% повеќе од септември 2021, односно 2020 година. Редовната месечна анализа на Дирекцијата покажува дека континуираниот раст на вработените продолжув и само за еден месец 200 наши сограѓани добиле нови работни места.

Заклучно со септември е регистриран и раст на извозот и увозот. Во првите девет месеци од годината компаниите во Зоните оствариле извоз од 2.8 милијарди евра што е за 8% повеќе споредено со истиот период минатата година. Само во септември извозот достигнал 329 милиони евра, а споредено со почетокот од годинава извозот е зголемен за 19%. Увозот од почетокот на годинава до сега достигна над 2,3 милијарди евра. Само во септември годинава компаниите во ТИРЗ оствариле увоз од 275 милиони евра што е за 20% пониско ниво споредено со септември 2022 година, но за 45% и 55% повисоко ниво споредено со деветтиот месец од 2021 и 2020 година.

Поради ваквите економски движења и нето извозот е во позитива, а заклучно со септември изнесува 22%.

Се очекува ваквиот позитивен тренд на раст да продолжи до крајот на годинава поради зголемениот обем на склучени договори за инвестиции. Само годинава се склучени договори во вредност од 350 милиони евра каде веќе се реализираат дел од планираните 6000 нови работни места.