Успешна средба со АХК Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски одржа успешна средба со претставници на АХК Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство. Средбата имаше за цел продлабочување на соработката со фокус на идентификување нови можности за инвестиции.
Директорот Гоце Димовски, истакна дека Германија е еден од најзначајните економски партнери на Македонија.
„Германија е еден од нашите најважни економски партнери и горди сме што постојано се отвораат нови можности за проширување на соработката. Главната цел на новата влада е создавањето поволна инвестициска клима, отворањето нови работни места и зголемување на економскиот раст, за што Германија е еден од главните партнери.“ – изјави Димовски.
Средбата беше фокусирана на неколку клучни аспекти, вклучувајќи ги идентификацијата на специфични индустрии каде што германските компании можат да инвестираат, како и обезбедување на поволни услови за тие инвестиции.
Претставниците на Германската стопанска комора со задоволство го изразија својот интерес за унапредување на соработката. Антје Ванделт, директор на Германската стопанска комора ги претстави тековните и претстојни проекти на комората, со акцент на понатамошното интензивирање на соработката со ТИРЗ.
„Македонија е земја која нуди многу можности за инвеститорите, особено во рамките на ТИРЗ каде што постојат поволни услови за развој. Инвестирањето во Македонија, освен што значи инвестирање во иднината на оваа земја, значи и инвестирање во иднината на Европа, бидејќи секој проект кој се реализира тука има потенцијал да го зајакне економскиот раст, придонесувајќи за подобар животен стандард на сите граѓани.“ – истакна Антје Ванделт, директор на АХК Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство.