ФАБРИКАТА НА РУСКИОТ ПРОТЕК ГРУП ЗАПОЧНА СО РАБОТА
Во технолошко-индустриската развојна зона „Скопје 1“ денеска е отворена фабриката „Продис“ на рускиот фармацевтски холдинг „Протек груп“ во која ќе се произведуваат хомеопатски лекови, органски и неоргански производи и чаеви.
Во фабриката со површина од 5.000 метри квадратни првично ќе бидат вработени 45 лица, а до крајот на годинава нивниот број ќе се зголеми на 80. Во втората фаза се очекува да бидат доградени уште 4.000 метри квадратни и да се вработат уште 80 лица со што целосно ќе биде затворено производството на хомеопатски лекови од суровина до финален производ.
Изградбата на објектот досега чинеше 3,8 милиони евра, а до крајот на годинава се очекува да бидат вложени уште 400.000 евра.
Фабриката официјално ја отвори премиерот Никола Груевски заедно со економскиот тим на Владата, рускиот амбасадор во Македонија Олег Николаевич Шчербак и сопствениците.
„Протек груп“ е еден од најголемите фармацевтски холдинзи во Русија што се занимава со производство, дистрибуција и трговија со лекови и козметика. Вработува 12.000 луѓе и има годишен обрт од четири милијарди долари.