ДЕСПОТОВСКИ:ГРАЃАНИТЕ ОЧЕКУВААТ КОНКТЕТНИ РЕЗУЛТАТИ А НЕ СТРАТЕГИИ И НЕОСТВАРЕНИ ВЕТУВАЊА, И НИЕ ТОА ИМ ГО ИСПОРАЧУВАМЕ
Луѓето се уморни од програми, ветувања, зборови и стратегии – треба резултати и конкретни мерливи ефекти за граѓаните, изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ во интервју во вестите на Сител.
„Фокусот и приоритетите на моето работење во изминативе две години се резултати за конкретни луѓе. Само од почетокот на годинава имаме 2000 нови работни и тоа е нешто за кое треба да се радуваме сите. Крајно време е да се научи и оваа и секоја следна опозиција дека треба да се радува на заедничките, македонски успеси,“ рече Деспотовски. Тој посочи дека само во изминативе две години се отворени 3500 нови работни места, а во последниве шест години во компаниите во Зоните над 10.000 наши сограѓани добиле можност за работа.
“Овие бројки се реален резултат кој за да го постигнеме не е доволно само да имаме убаво напишани документи и ветувања. Треба да го испорачаме, “ рече Деспотовски. Тој очекува трендот на раст на платите од 2021 година кога платите во зоните за првпат го надминаа државниот просек, да продолжи, со оглед на тоа дека со новиот концепт, инвестициските договори на компаниите веќе вклучуваат врзување на дел од субвенциите со одредена динамика на раст на платите.
Анализите на ТИРЗ покажуваат и дека за едно вложено евро од државата компаниите враќаат три, што е реален позитивен ефект од инвестициите и новиот концепт. Деспотовски очекува и раст на приходите во Буџетот.
„Само во 2021 година во буџетот се слеале близу 2 милијарди денари по однос на придонеси и персонален данок на доход што за 3 пати го надминува нивото на државна поддршка исплатено за компаниите. Тоа се три пати повеќе средства за надминување на последиците од енергетската и останатите предизвици со кои се соочуваме како економија,“ рече Деспотовски.
Деспотовски очекува до крајот на 2024 година да се оствари зацртаната цел од 1 милијарда евра инвестиции и удвојување на бројот на вработени.
„За помалку од две години постигнавме ниво на договори за нови инвестиции од над 620 милиони евра што е или над 2/3 од обемот постигнат во целата измината декада. Во напредна фаза на преговори сме за уште две големи инвестиции со кои ќе се надмине една милијарда. Исто така само овие инвестиции, во чии рамки над 70% се на компании што за прв пат инвестираат во С.Македонија, креираат дополнителни близу 5.000 нови работни места. Со вакви бројки оваа цел е реално достижна, “ вели Деспотовски.
Деспотовски најави дека наскоро во Зоните ќе инвестира и голема македонска компанија што според него ќе поттикне отворање на инвестицискиот потенцијал на домашните компании. Тој додаде и дека мора да се престане со практиката на поделба на инвестициите на „наши“ и „ваши“.
„Овие резултати и инвестиции не се мои, туку се и на Владата и на сите економски ресори, но во крајна линија се на граѓаните. Бидејќи тие реализираат со пари од граѓаните и затоа ми е важно ефектите од нив да ги чувствуваат граѓаните. Никогаш не сум броел, ниту ќе броиме политички, етнички или религиски “крвни зрнца” на над 2.000 наши сограѓани што добија свое, ново работно место во 2022. Тоа е политика на едно минато време, што го оставивме зад нас,“ рече Деспотовски.