Официјално поставување на камен темелник на новата фабрика БМЗ, најавени 700 нови работни места
Денес во технолошко индустриската развојна зона Скопје 2, официјално се постави камен темелникот на БМЗ, новата германска инвестиција за производство на литиумски батерии што ќе отвори 700 нови вработувања. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочовска, како и директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски и директорката на БМЗ Македонија, Јелица Ивановска.
„Очекувам уште многу вакви инвестиции во периодот којшто следи. Во тек се преговори за проширување на две веќе постоечки инвестиции од странските инвеститори но и една нова којашто ја преговараме и сме во завршна фаза со уште една многу голема и моќна европска држава, членка на ЕУ. Се надевам и сум сигурен дека и таа ќе се заврши до крајот на годината со што мислам дека сериозно ќе биде исцрпен човечкиот потенцијал за ваков тип на инвестиции кај нас и мислам дека на тој начин ќе додадеме вредност во процесот на зголемување на БДП – нешто коешто ни е многу важно. Така што уште еднаш, не може човек да не биде среќен и радосен кога се отвара инвестиција во вредност од 65 милиони евра каде што ќе има во максимален обем од 700 и повеќе вработени кога ќе го достигне врвот самата инвестиција.“ – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
БМЗ Групацијата ќе инвестира околу 65 милиони евра, а директорката Јелица Ивановска изрази благодарност за досегашната соработка, надевајќи се на уште поголеми успеси во иднина.
„Ние работевме со 110 вработени и досега, но како „браунфилд“ во фабриката на Раде Кончар во сектори со пет линии. Сега ќе градиме нова и модерна фабрика, планираме 40 производни линии, а вкупниот број на вработени да биде помеѓу 700 и 1.000. Извозот ќе биде наменет најмногу за Германија и Полска.“ – изјави Ивановска.
Директорот Гоце Димовски го нагласи своето задоволство за инвестицијата која воедно ќе има долгорочни позитивни ефекти врз македонската економија во целост.
„Новата фабрика на БМЗ е уште една потврда за успешноста на Македонија како конкурентна дестинација за странските инвеститори. Оваа инвестиција не само што ќе донесе нови работни места, туку и ќе го поттикне економскиот раст и развој, обезбедувајќи значителни придобивки за целата држава.“ – истакна директорот на ТИРЗ, Димовски.
Проценките се дека фабриката ќе биде пуштена во погон во мај. Групацијата BMZ развива и произведува високотехнолошки батериски системи, кои се инсталирани низ целиот свет во најразновидни производи на познати брендови, а произведува и батериски системи со свои брендови. Освен што е лидер во научно-истражувачката работа, компанијата има и широко распространета мрежа на клиенти. Има повеќе од 230 инженери во истражувачкиот центар, а развива повеќе од 100 нови производи секоја година.