Нова потенцијална инвестиција на македонската компанија Ламинати Ком
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски денес оствари официјална средба со управителите на македонската компанија Ламинати Ком, Евгенија Ѓорѓиеска и Иван Василески, како и претставници на АХК Македонија. На средбата детално беа разгледани условите за реализација на новата потенцијална инвестиција со цел унапредување на взаемните интереси и креирање на стабилни партнерства.
Директорот Гоце Димовски ја истакна стратешката важност на ваквите потенцијални инвестиции од страна на македонските компании, особено во контекст на понатамошното зајакнување на зоните во Македонија, како и унапредување на економската стабилност и раст. Димовски ги нагласи клучните предности што ги нуди ТИРЗ, вклучувајќи ја добро развиената инфраструктура, поволните даночни олеснувања и непосредната логистичка поддршка која е приспособена за потребите на странските инвеститори.
Директорката на АХК Македонија, Антје Ванделт, ја нагласи клучната улога на комората, создавајќи синергија која резултира со економски бенефити за двете страни. Таа истакна дека АХК не само што активно ги поддржува германските компании во нивните инвестиции во Македонија, туку истовремено работи и на зајакнување на капацитетите на локалните компании, како што е Ламинати Ком, која е и нивен партнер во дуално стручно образование по германски модел.
Управителите, од своја страна, ја истакнаа важноста на стратешкото позиционирање и позитивната бизнис клима која ја нуди државата, односно ТИРЗ за компаниите инвеститори, како и придобивките што ги очекуваат од можноста за соработка. Според нив, изборот на ТИРЗ како потенцијално место за нови производствени капацитети би бил стратешки чекор кој може да донесе бројни придобивки за компанијата, одговарајќи на растечката побарувачка на европскиот пазар.
Ламинати Ком е водечка компанија во производство и механичка обработка на цврсти композитни изолациски материјали. Компанијата е 100 % македонски капитал, формирана во 2002 и повеќе од 20 години ги извезува своите врвни производи во Германија, Франција, Бугарија, Италија, Шведска.
Компанијата постојано инвестира во најнова технологија, која овозможува производство на финални и прилагодени решенија од напредни и високософистицирани материјали, кои нудат уникатни и супериорни својства во споредба со конвенционалните материјали. Дополнителна конкурентска предност е високиот квалитет на производот, флексибилното производство кое одговара на специфичните потреби на клиентите, целосно независен и контролиран производствен процес, од основни сурови ресурси до финални обработени делови, преку постојана и меѓуфазна контрола на процесот.