Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски во официјална посета на Џојсон Сејфти Системс

Директорот Димовски денес оствари официјална посета на компанијата Џојсон Сејфти Системс која се наоѓа во Технолошко Индустриската Зона Кичево. Оваа посета е дел од новиот концепт заснован на активна и континуирана соработка, сѐ со цел да се овозможи директна поддршка на компаниите.

Директорот Димовски ја потенцираше важноста на ваквите инвестиции кои се од особено значење за економскиот раст на Македонија.

„Главната цел за нас како институција е да пружиме директна и ефективна поддршка на компаниите. Со посетите од ваков карактер, не само што успеваме да добиеме подетален увид во работата и предизвиците со кои се соочува секоја компанија, туку исто така ја јакнеме соработката која е клучна за заеднички успех.“ – истакна Гоце Димовски.

Од страна на менаџментот на Џојсон Сејфти Системс, на чело со Клаудиа Хопт и Флориан Рот, беше изразена посебна благодарност за поддршката од институциите како Дирекцијата за ТИРЗ, при што беше нагласена нивната посветеност на долгорочниот раст и развој.

„Нашиот успех е резултат на силната тимска работа, поддршка од нашите партнери и постојаното вложување во истражување и развој. Џојсон Сејфти Системс е компанија посветена на унапредување на безбедноста во автомобилската индустрија преку иновации, квалитет и одржливост. Нашето присуство во Македонија е од клучно значење за нашата глобална стратегија.“ – кажа Димче Нелоски, директор на фабриката.

Компанијата, која е дел од глобалниот автомобилски гигант Нингбо Џојсон Електроник, е водечки производител на надувувачи, воздушни перничиња, волани и безбедносни појаси, а нејзиниот глобален успех е резултат на високите стандарди и посветеноста на квалитетот.

Со свои 34 продажни, дизајнирани и производствени објекти во светот и мрежа од околу 50.000 вработени, Џојсон Сејфти Системс претставува еден од најголемите работодавачи во автомобилската индустрија. Нивната инвестиција во Македонија, која обезбедува стотици работни места, ја зацврстува позицијата на земјата како атрактивна дестинација за странски вложувања.