Остварена успешна средба со германската компанија Кромберг и Шуберт Македонија

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски денес оствари успешна средба со комерцијалниот менаџер на фабриката Кромберг и Шуберт, Мартин Милошески. Со цел за успешна комуникација со веќе постоечките странски инвестиции надвор од зоните, во рамки на средбата беа дискутирани повеќе точки, а главен фокус беше даден на тековните и идни планови од страна на компанијата, а беа разгледани и можностите за нова потенцијална инвестиција.

Димовски ја изрази својата поддршка за активностите на оваа фирма, нагласувајќи дека ваквите средби се клучни за обезбедување на поволна инвестициска клима, што дополнително допринесува за зголемување на странските инвестиции во Македонија.

„Кромберг и Шуберт со своето присуство во Македонија значајно придонесува кон економскиот раст и создавање нови работни места за нашите граѓани, при што продолжува да ја зајакнува својата позиција како доверлив партнер во подобрување на домашната економија.“ – посочи директорот Димовски. „Заедно со новата влада активно работиме на нова национална стратегија за странските инвестиции која дополнително ќе придонесе за надминување на сите предизвици со кои се соочуваат инвеститорите.“ – истакна тој.

Од страна на директорот Милошески, беше изразено особено задоволство за средбата со очекување за понатамошна соработка. Од негова страна беше потенцирана важноста на ваквиот тип средби кои што дополнително придонесуваат за поефикасна соработка и разбирање на потребите и очекувањата на двете страни. Беше разговарано за тековните и идни планови во однос на инвестицијата, нагласувајќи ја важноста на стабилните партнерства помеѓу јавниот и приватниот сектор.

Кромберг и Шуберт е глобална индустриска групација која произведува комплексни кабелски системи и пластични делови за автомобилската индустрија. Своите производи ги пласира кај најголемите европски производители на автомобили како VW, BMW, AUDI, Mercedes, Škoda. Компанијата глобално вработува преку 50.000 луѓе ширум светот на повеќе од 40 различни локации, а во Македонија, како еден од најголемите работодавачи е присутна со две фабрики во Скопје и Битола.