Директорот Димовски оствари средба со Euroconsultants, нови можности за развој
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со Парис Кокороцикос, извршен директор на Euroconsultants Грција, една од најголемите консултантски групи во Југоисточна Европа, специјализирана за управување со технологија и иновации и одржлив социо-економски раст. Средбата опфати дискусии за можностите кои ги нуди Македонија преку Технолошките Индустриски Развојни Зони, како и потенцијалот за зголемување на конкурентноста како атрактивна дестинација за странските инвеститори.
„Соработката со вакви успешни компании, особено од регионот, е од клучно значење за иднината на македонската економија бидејќи истата со себе носи додадена вредност, воведувајќи иновации и создавајќи нови можности за развој и инвестиции.“ – истакна директорот Димовски.
Претсавниците на Euroconsultants изразија особено задоволство за средбата, со очекување за успешна соработка. Од нивна страна беа презентирани успешни проекти спроведени низ Европа и пошироко. Поконкретно, беше презентиран и технолошкиот парк во Солун како успешен пример за развој на иновативни технологии и привлекување на инвестиции, при што се разгледа можноста и потенцијалот на ТИРЗ за ваков сличен проект.
Инаку, Euroconsultants е пионерска консултантска куќа која се фокусира на иновации и одржлив раст. Повеќе од 30 години носи практични решенија за предизвиците со кои се соочува јавниот и приватниот сектор ширум светот за постигнување одржлив развој и долгорочен раст. Тесно соработува со сите сектори на научни и деловни области, со цел да обезбеди интегрирани стратешки совети, да создаде иновативни екосистеми со додадена вредност, да поттикне позитивно влијание кон зелена и дигитална Европа и да промовира талент и знаење на меѓународните пазари.