Остварена средба со новиот менаџмент на фабриката АРЦ

Директорот Гоце Димовски денес имаше успешна средба со новиот главен менаџер, Бобан Стојчевски, како и досегашниот главен менаџер на фабриката АРЦ, Светислав Смилков. Средбата опфати дискусии за досегашните деловни активности на компанијата, плановите за во иднина, како и смената на раководството на фабриката која подолго време работи во рамките на ТИРЗ Скопје 1.

Димовски најпрвин изрази честитки до новиот главен менаџер на фабрката, Бобан Стојчевски. Тој  ја истакна важноста на секоја компанија која има позитивно влијание врз националната економија преку зголемување на извозот, како и отворањето високо платени работни места. „АРЦ е пример за успешна компанија која преку своето долгогодишно присуство во ТИРЗ придонесува кон економскиот развој и конкурентноста на нашата земја. Како институција, во соработка со сите засегнати страни напорно работиме за создавање уште постабилна и предвидлива деловна клима.“ – кажа Димовски.

Од страна на менаџментот на компанијата беше изразено задоволство за досегашната соработка, при што беше нагласена нивната посветеност кон зголемување на продуктивноста и стабилен раст.

„Веќе подолго време работиме во рамките на ТИРЗ, а нашиот континуиран раст е доказ за нашата заложба кон создавање додадена вредност. Стабилните партнерства со Дирекцијата за ТИРЗ, како и останатите институции се од клучно значење за навремено мапирање и надминување на сите предизвици, како и за унапредување на сите деловни активности.” – посочи новиот главен менаџер на фабриката, Бобан Стојчевски.