Остварена средба со градоначалникот на Подуево, Шпејтим Булиќи

Директорот Гоце Димовски денес оствари средба со Шпејтим Булиќи, градоначалник на Подуево, Косово. Во рамки на средбата се разговараше за организацијата и поставеноста на ТИРЗ, како институција препознаена во регионот по својата ефикасност, транспарентност и поддршка на инвеститорите, при што беа разгледани и можностите за потенцијални нови проекти.

 
Димовски ги истакна поволностите кои ги нудат зоните, од аспект на организацијата, царински ослободувања, како и поддршката што ја добиваат инвеститорите преку различни државни инструменти. Тој посочи дека се нуди стабилна и предвидлива бизнис клима, што претставува важен фактор за секој инвеститор.
 
Од страна на градоначалникот Булиќи беше изразен особен интерес за севкупната функционалност на зоните, потенцирајќи ја важноста на соработката и размена на реални искуства, сѐ со цел поголем регионален економски раст.
 
Ваквите средби се дел од стратешкиот пристап на ТИРЗ за зајакнување на економската поврзаност, со цел зголемување на инвестицискиот потенцијал на целиот регион. Оваа средба следи по неколкуте средби со слична содржина, одржани со градоначалникот на Копер, Словенија, како и претставници на Албанија и Босна и Херцеговина.