Џагатај Kабло со нова фабрика во ТИРЗ Скопје

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски денес заедно со премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на официјалното означување на почетокот на градежните работи на втората фабрика на турската компанија Џагатај Кабло. Станува збор за двојно поголем објект од постоечката фабрика каде ќе се произведуваат жици и кабли за автомобилската индустрија наменети за европскиот пазар.

Новата инвестиција изнесува 6 милиони евра, со предвиден објект од 10 000 квадратни метри, со нови 200 вработувања. Димовски во своето обраќање посочи дека ова не претставува само признание за економските политики што се спроведуваат, туку и потврда за зголемената доверба на странските инвеститори во оваа влада.

„Денес не само што ја одбележуваме довербата што компанијата повторно ја укажа во нашата држава, туку и зацврстуваме едно партнерство кое се темели на напорна работа и заедничка визија за економски напредок. Особено ме радува што плановите за овој инвестициски проект беа претставени неколку недели по формирањето на оваа влада, а веќе денес започнува и неговата реализација.“ – кажа Димовски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека секој ваков проект е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.

„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплатува. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот- не пречка, туку поддршка. Токму затоа, од ова место, сакам да упатам благодарност до директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Гоце Димовски. Со неговата енергија и визија се отвораат нови врати, се водат нови разговори и се создаваат нови можности за странски и домашни инвеститори. Резултатите што ги постигнавме покажуваат дека како Влада имаме јасна економска насока.“ – кажа тој.