Димовски во посета на фабриката Ронтис во Лариса, Грција

Директорот Гоце Димовски кој е дел од владината делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, ја посети фабриката Ронтис во Лариса, Грција. Посетата опфати дискусии и разговори во однос на плановите на компанијата за понатамошно проширување во регионот, особено во рамките на технолошко индустриските развојни зони. Воедно, беше остварена и обиколка низ производствениот погон кој е еден од најмодерните во Југоисточна Европа и претставува пример за интегриран производствен систем со високи стандарди за квалитет, безбедност и одржливост.

Директорот Димовски ги истакна сите придобивки што ги нуди ТИРЗ, вклучувајќи отворен и транспарентен пристап до инвеститорите, забрзани административни процедури и пристап до квалификувана работна сила. Тој истакна дека ваквите услови претставуваат силна основа за долгорочни и одржливи инвестиции во земјата.

Ронтис е мултинационална здравствена корпорација која датира од 1933 година. Со значителни и постојани инвестиции во најсовремени фармацевтски производствени капацитети, компанијата воспостави наменска лабораторија за истражување и развој, фокусирана на развој на специјализирани фармацевтски производи.