Македонија рангирана на шесто место во светски рамки по привлекувањето странски директни инвестиции, лидер во регионот на Западен Балкан
Директорот Гоце Димовски, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, денес одржа прес-конференција на која беше споделен успехот на Македонија која е меѓу првите в Европа, односно шесто рангирана во светски рамки и како лидер во регионот на Западен Балкан по обем на гринфилд инвестиции во однос на бруто домашниот производ, според најновиот извештај на ФДИ Интелиџенс – специјален истражувачки оддел на „Фајненшл Тајмс“.
„Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати. Овој индекс не ја наградува големината, туку напорот и довербата. Тој покажува дека привлекуваме повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нашата економска тежина. Дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија. Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните. Тука вреди да се инвестира, да се гради и да се остане.“ – кажа министерот Муцунски.
Од страна на директорот Димовски беше нагласено дека ова признание е резултат на напорна и посветена работа, нови стратешки политики, реформи и активна промоција на државата како стабилна и предвидлива дестинација за инвестирање.
„Нашата крајна цел е структурна промена во делот на начинот на привлекување на инвестициите, со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на инвестициски проекти, што е суштинската разлика која ја издвојува нашата земја од многу други економии во минатото, но, и моментално во регионот.
Продолжуваме да градиме доверба кај инвеститорите, да вложуваме во инфраструктура и човечкиот капитал, позиционирајќи ја Македонија како место каде што секоја инвестиција носи додадена вредност, како место каде секој граѓанин има можност за достоинствена работа, сигурна перспектива и подобар стандард на живеење.“ – изјави Димовски.



