Остварена средба со претставници на организацијата Македонија 2025 и Фондацијата за демократија на Вестминистер (ВФД)
Директорот Гоце Димовски денес оствари средба со претставници на организацијата Македонија 2025 и Фондацијата за демократија на Вестминистер (ВФД). Средбата, која претставува продолжение на разговорите започнати годинава, се фокусираше на можностите за продлабочување на соработката и унапредување на иницијативите насочени кон поттикнување на економскиот развој и привлекување нови инвестиции.
Димовски ги посочи тековните активности на Дирекцијата во насока на привлекување нови странски инвестиции со висока додадена вредност, како и унапредување на условите за инвестирање во рамки на зоните. Притоа беше нагласена важноста од соработка со релевантни организации како Македонија 2025 и Фондацијата за демократија на Вестминистер (ВФД), кои можат да придонесат кон подобра промоција на инвестициските потенцијали на државата.
Претставниците на организацијата Македонија 2025 и Фондацијата за демократија на Вестминистер (ВФД) ја истакнаа важноста од континуирана и активна соработка, како и потенцијалите за заеднички активности во насока на функционална анализа на националниот миграциски систем со цел да се помогне во зголемувањето на ангажманот и инвестициите на дијаспората, вклучувајќи го и потенцијалот за враќање, реинтеграција и подобра циркуларност на капиталот и поединците, како утврден приоритет во Столб 5 од претстојната Национална стратегија за соработка со дијаспората за периодот од 2025 до 2030 година.


