Директорот Гоце Димовски дел од настан посветен на унапредување на економската соработка со Република Словенија
Во рамки на активностите за продлабочување на билатералната економска соработка, директорот на дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, денес беше дел од настан посветен на унапредување на економската соработка со Република Словенија, каде беа претставени можностите и условите за инвестирање и економска соработка.
Настанот беше отворен од страна на Грегор Прескер, амбасадор на Република Словенија, кој истакна дека ваквите настани се од особено значење за продлабочување на соработката меѓу двете земји. Тој нагласи дека Словенија и Македонија имаат простор за дополнително јакнење на економските врски, особено преку размена на искуства, поттикнување на инвестиции и создавање услови за полесно поврзување на компаниите од двете страни.
На настанот беа презентирани словенечката економија, економската дипломатија и деловните односи меѓу земјите, инвестициските можности, како и постојните механизми за поддршка на странски инвеститори и можностите за субвенции во Република Словенија.
Директорот Димовски оствари средби со претставници од словенечкиот бизнис сектор, при што беа разменети информации за тековните економски движења и можностите за унапредување на соработката во областа на инвестициите и економскиот развој. Тој ја нагласи подготвеноста на дирекцијата за продлабочување на партнерството и отворање нови можности за соработка меѓу двете земји.








