Директорот Гоце Димовски говорник на првиот Шведско–македонски бизнис форум во Стокхолм

Во организација на Македонија2025 и Шведско-македонската стопанска комора, денес во Стокхолм се одржа првиот Шведско–македонски бизнис форум, каде свое обраќање имаше директорот Гоце Димовски.  Форумот, со цел да ги зајакне економските врски меѓу Македонија и Шведска, обедини компании, инвеститори, институции и претставници на македонската дијаспора, создавајќи конкретни можности за соработка, трговија и инвестиции.

Директорот Димовски во своето обраќање ги истакна можностите што ги нудат технолошко-индустриските развојни зони, потенцирајќи дека Македонија останува сигурна и конкурентна дестинација за странски инвестиции, со јасен фокус на поддршка на компаниите, развој на индустријата и креирање нови партнерства. Тој посочи дека зајакнувањето на соработката меѓу меѓународните компании и локалните индустрии е клучно за одржлив економски развој и отворање нови можности за домашните компании, особено преку интеграција во глобалните синџири на снабдување. Воедно, директорот Димовски се осврна и на улогата на ТИРЗ во привлекувањето странски директни инвестиции и поддршката на растот на бизнисот, нагласувајќи дека континуираното унапредување на условите за инвестирање и институционалната поддршка остануваат меѓу главните приоритети за натамошен економски раст и развој.

Дополнително, во рамки на форумот се одржаа и две панел-дискусии посветени на бизнис партнерствата и успешните шведско-македонски соработки, со учество на претставници од компании како PCG International, TK Invest, Sorsix, Dometic, Epiroc, EaseAccess24 и Dori Care.