Претставени инвестициските можности на бизнис форум во Истанбул
Директорот Гоце Димовски ги претстави инвестициските можности пред турската бизнис заедница во рамки на денешниот бизнис форум кој се одржа во Истанбул, каде учествуваше и Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој ја предводеше владината делегација.
Димовски, како дел од панел дискусијата „Подобрување на транспортните мрежи: Соработка во инфраструктурата, логистиката и инвестициите“, ги претстави инвестициските потенцијали кои ги нуди Македонија преку ТИРЗ. Тој ги нагласи конкурентните предности на државата како инвестициска дестинација, стратешката географска позиција, пристапот до регионалните и европските пазари, развиената инфраструктура во рамки на зоните, како и поддршката што ја добиваат инвеститорите во процесот на реализација и проширување на нивните инвестиции.
Во своето обраќање, Димовски истакна дека Дирекцијата за ТИРЗ заедно со Владата, останува посветен партнер на инвеститорите, обезбедувајќи предвидлива и ефикасна деловна средина, со фокус на привлекување инвестиции со повисока додадена вредност, отворање нови работни места и поттикнување на технолошкиот развој. Тој потенцираше дека продлабочувањето на економската соработка меѓу Македонија и Турција претставува значајна можност за реализација на нови инвестициски проекти и јакнење на економските врски меѓу двете земји.
Со цел поврзување на институциите и бизнис секторот од двете земји преку директни контакти и разговори, настанот имаше за цел отворање нови можности за соработка и заеднички инвестиции. Дополнително, форумот се организираше во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП.








