Директорот Гоце Димовски ги претстави инвестициските можности на македонско-индискиот бизнис форум
Директорот Гоце Димовски ги претстави инвестициските можности на македонско-индискиот бизнис форум, организиран од страна на Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во соработка со Директоратот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот обраќања имаа претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Друпади Мурму, а присутни беа претставници на стопанските комори, како и претставници на бројни компании од двете земји.
Во своето обраќање, Димовски ги презентираше конкурентните предности кои Македонија ги нуди како инвестициска дестинација, со посебен осврт на улогата на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во привлекувањето и поддршката на странските директни инвестиции. Тој ги претстави поволностите што ги нудат технолошките индустриски развојни зони, вклучително и современата инфраструктура, поволната географска позиција, квалификуваната работна сила, како и пакетот мерки и услуги што Дирекцијата ги обезбедува за странските инвеститори во текот на целиот инвестициски процес.
Во рамки на форумот беа остварени повеќе билатерални средби со претставници на индиски компании и стопански комори, при што беа разгледани можностите за воспоставување нови деловни партнерства и потенцијални инвестиции во земјава.











