Директорот Гоце Димовски ги претстави инвестициските можности пред бизнис делегација од Бразил
Во рамките на Бразилско – Македонскиот бизнис и инвестициски форум, директорот Гоце Димовски ги презентираше инвестициските можности што ги нуди земјата преку ТИРЗ. Форумот претставува значајна платформа за воспоставување и унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Бразил, со цел поттикнување на трговската размена, привлекување странски директни инвестиции и развој на нови деловни партнерства.
Во своето обраќање, директорот Димовски ги посочи предностите што ги нуди државата за странските инвеститори, со посебен акцент на поволното деловно окружување, стратешката географска позиција, членството во НАТО, пристапот до бројни меѓународни пазари преку договори за слободна трговија, како и конкурентните услови што ги обезбедуваат технолошките индустриски развојни зони. Тој истакна дека ТИРЗ останува сигурен и доверлив партнер на инвеститорите, обезбедувајќи институционална поддршка во сите фази од инвестицискиот процес.
На форумот присуствуваше делегација составена од претставници на бројни бразилски компании кои работат во повеќе индустрии. Во рамки на форумот, директорот Димовски оствари директни средби со претставниците на компаниите, при што беа презентирани можностите за инвестирање во технолошко-индустриските развојни зони, како и потенцијалите за воспоставување долгорочна економска соработка и реализација на нови инвестиции.
Учеството на вакви деловни форуми претставува важен чекор во промоцијата на Македонија и ТИРЗ како конкурентна и атрактивна инвестициска дестинација, како и во отворањето нови можности за економска соработка со мултинационални компании.







