ШВАЈЦАРСКАТА ФИРМА BAUMER ИНВЕСТИРА ВО СЛОБОДНАТА ЗОНА СКОПЈЕ 1

Денеска се изврши увид во градежните активности на производствениот капацитет на реномираната швајцарска компанија ,,БАУМЕР” во ,,ТИРЗ Скопје 1’’ и беше потпишан договорот за државна помош со оваа компанија. Договорот го потпишаа директорот на ДТИРЗ, г-динот Александар Младеновски, заедно со Извршниот оперативен директор на компанијата Баумер, г-динот Марсел Фрај .
Преку овој договор активностите на компанијата ,,БАУМЕР” ќе бидат помогнати и делумно субвенционирани со транспарентите мерки од донесениот План за економски раст на Владата на РМ.

Свое обраќање имаше и потрпетседателот на Владата на Р.М , господинот Кочо Анѓушев.Тој изрази особено задоволство што изградбата на фабриката е во напредна фаза и посочи дека клучно кај оваа странска инвестиција е тоа што ќе има научно-истражувачки центар во кој ќе бидат вработени над 30 млади инженери од областа на електрониката, информатиката, машинската технологија.

„Баумер“ пред неполна година донесе одлука да инвестира токму во Македонија, поточно во ТИРЗ Скопје 1. Господинот Кочо Анѓушевпотенцира дека Владата и понатаму ќе биде посветена на поддршка и на привлекување директни странски инвестиции.

– Ова е една од фабриките што успеавме да ги привлечеме во Република Македонија во последната година. Тие на број се повеќе од 20. Овие фабрики ќе Plan.дадат сериозен импакт врз растот на бруто-домашниот производ на државата. Ние како држава немаме големи ресурси, немаме нафта, немаме гас. Нашата индустријализација е шансата за развој на Република Македонија и како Влада ќе бидеме посветени да направиме брза и квалитетна индустријализација. Но не со трудоинтензивни дејности, каде што вработените ќе земаат по 200-300 евра плата туку индустријализација со високотехнолошки развиени компании, какви што се обидуваме да развиеме и да привлечеме во државата, каде што ќе работат претежно инженери, каде што ќе им дадеме шанса за нашите млади високообразовани кадри кои треба да останат во нашата држава, но не за мизерни услови туку за солидни плати и солиден стандард. Само така ќе обезбедиме иднина за нашата држава, за нашите млади генерации. Очекувам компанијата „Баумер“ да има сериозен придонес во таа работа – рече вицепремиерот Анѓушев, додавајќи дека секоја нова фабрика претставува празник.

,,Baumer Holding AG” е семејна меѓународна компанија која произведува напредна сензорска технологија, индуктивни и процесни сензори, енкодери, кабли и други полуфабрикати од областа на елктрониката. ,,БАУМЕР ” е присутна со 38 подружници низ 19 земји од светот со над 2,700 вработени, а од оваа година и во Македонија.
Висината на планираната инвестицијата ќе изнесува околу 9 милиони евра, со најавени од 300 – 350 нови вработувања во пет фази. Почетокот на производство се очекува да започне во првата половина на 2019 година .