МАКЕДОНИЈА РАНГИРАНА ВО 10ТО МЕСТО ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА СВЕТСКА БАНКА EASE OF DOING BUSINESS 2019
Македонија е повторно еден од водечките реформатори во светот и е меѓу 10 -те најдобри економии во светот и 4-те најдобри економии во Европа според леснотија за водење на бизнис вели најновиот извештај на Светска банка, реномираниот ,,Дуинг бизнис” за 2019-та година. Рангирањето е правено врз основа на 10 критериуми, а се опфатени 190 земји во светот.
Извештајот ги мери регулативите кои влијаат врз животот на бизнисот, како што се започнување на бизнис, справување на градежни дозволи, стекнување на електрична енергија, регистрирање на имот, добивање кредит, заштита на малцинските инвеститори (акционери), плаќање на даноци, прекугранично тргување, спроведување на договори и решавање на несолвентност.
“И покрај пролонгираната политичка криза, Република Македонија и понатаму останува една од највисоко рангираните економии, во однос на леснотијата на водење бизнис”, рече Марко Мантованели, државен директор во Канцеларијата на Светската банка во Скопје. “Ова е добредојдена вест, но важно е да се разгледа целата палета на фактори и политики кои влијаат на квалитетот на деловното опкружување и националната конкурентност на економијата и кои не се зафатени од Doing Business, со цел земјата да ги постигне надежите – за влијание врз добивките на продуктивноста на фирмите и привлекување на повеќе инвестиции. ”
Некои од поентите што се забележуваат оваа година се дека за започнување бизнис во Македонија се потребни 14 дена, со нула денари стартен капитал и трошок од 0,9 отсто од годишниот бруто домашниот производ по глава на жител.
Потребни се 91 ден и девет процедури за градежна дозвола, 97 дена и 196,1 отсто од годишниот БДП по глава на жител за приклучок, а за стекнување имот се потребни седум процедури, 30 дена и данок од 3,2 отсто од проценката.
Кредит отплаќаат 40,7 отсто од субјектите, кај тргувањето со хартии од вредност најслаба оценка имаме за (не)достапноста на купување на акции , а со најдобра оценка сме за транспарентноста. Фирмите од профитот одвојуваат 13 отсто, губат 119 часа годишно за седум даноци (давачки).
На граница за документација се чека два часа, но девет за царинење. За спроведување на договори се потребни 634 дена. За решавање на несолвентноста е потребно една и пол година и „жртвување“ на 10 отсто од вредноста на имотот.
Најдобра во светот, според „Дуинг бизнис2019“е Нов Зеланд, а покрај Македонија во топ 10 се уште и Сингапур, Данска, Хонконг, Јужна Кореа,Грузија, Норвешка, САД и Велика Британија.
На дното на листата се Либија, Јемен, Венецуела, Еритреја и Сомалија
Оценувањето за извештајот се однесува на периодот средина на2017 до средина на 2018 година, односно е со пресечен датум 1 мај 2018, а се базира на информации добиени од државните институциии приватниот сектор.
Во Европа, подобри услови за водење бизнис од Македонија нудат само Данска, Норвешка и Обединетото Кралство.